Само една година откако пристигна во Њукасл како второ најскапо засилување во историјата на клубот, германскиот напаѓач Ник Волтемаде ја менува средината. Негова следна дестинација е Јувентус, каде што ќе ја мине следната сезона како позајмен фудбалер.
Торинскиот гигант за едногодишната позајмица ќе му исплати на Њукасл пет милиони евра и во целост ќе ја покрие платата на репрезентативецот на Германија. Волтемаде минатото лето пристигна на „Сент Џејмс Парк“ од Штутгарт за 75 милиони евра како замена за Александар Исак, но по одличниот старт и четирите гола на првите пет меча, неговата форма драстично падна. Во текот на 2026 година тој запиша само еден погодок во Премиер лигата.
Промената на тренерската позиција и заминувањето на Еди Хау дополнително му ја намалија минутажата. Новиот кормилар Матијас Јајсле претпочита поинаков, подвижен профил на офанзивци, а клубот веќе подготвува 60 милиони евра за ангажман на Матијас Фернандез Пардо.
Овој трансфер-потек има директно влијание и врз Атлетико Мадрид, бидејќи со пристигнувањето на замена, Јувентус конечно даде зелено светло за заминување на Џонатан Дејвид. Канаѓанецот, кој минатата сезона стигна во Торино од Лил, кариерата ќе ја продолжи во Шпанија, а Атлетико ќе покрива половина од неговата плата, со опција за целосен откуп на договорот за 25 милиони евра.

