Филаделфија славеа убедлива победа над Њујорк Никс со 120:97, но триумфот остана во сенка поради повредата на Ариел Хукпорти. Германскиот центар на теренот помина само пет минути пред да мора да ја напушти играта. Хукпорти се повреди во една одбранбена акција, без никаков контакт со противнички играч. Во еден момент веднаш се фати за долниот дел од десната нога и беше очигледно дека не може нормално да се потпре на неа.
Мораше да го напушти паркетот со помош на луѓето покрај теренот, додека ситуацијата предизвика загриженост кај двата тима. Меѓу првите кои му помогнаа беше Карл-Ентони Таунс, неговиот поранешен соиграч од Никс. Центарот на њујоршкиот тим го придружи Хукпорти до соблекувалната на Филаделфија, а загриженост покажаа и останатите кошаркари на Никс.
Хукпорти подоцна се појави на патерици за да разговара со соиграчите и стручниот штаб, но повеќе не се врати во игра. Тренерот на Филаделфија, Ник Нурс, по натпреварот потврди дека 24-годишниот кошаркар ќе мора да направи дополнителни прегледи, со посебен фокус на десната Ахилова тетива. Во овој момент нема официјална потврда за сериозноста на повредата ниту за должината на евентуалната пауза.
Првичните информации од американските медиуми, сепак, не се охрабрувачки. Доколку се потврди сериозна повреда на Ахиловата тетива, Хукпорти би можел да биде надвор од терените најмалку седум месеци. За германскиот центар ова требаше да биде почеток на ново поглавје во кариерата. Тој летово пристигна во Филаделфија од Њујорк и требаше да добие поголема улога во ротацијата под кошевите.
Отсуството на Џоел Ембид на почетокот од подготовките, заедно со повредата на стапалото на Адем Бона, дополнително му го отворија патот кон поголема минутажа. Наместо можност за докажување, Хукпорти уште на првата подготовка се соочи со неизвесност. Филаделфија сега ги очекува резултатите од снимањата, кои ќе покажат колку е сериозна повредата и дали кошаркарот ќе може да се врати на терените во текот на сезоната.

