Меѓународен фудбал Фудбал

Милан најде замена за Леао, Омари Хачинсон стигнува од Нотингем Форест

Речиси истовремено со заминувањето на Рафаел Леао во редовите на Галатасарај, раководството на Милан реагираше експресно и ја пронајде неговата замена. Според сите водечки италијански медиуми, начелно е договорен трансферот на 22-годишниот англиски офанзивец Омари Хачинсон, кој од Нотингем Форест се сели на „Сан Сиро“.

Зделката меѓу двата клуба е договорена во форма на едногодишна позајмица со право на целосен откуп на договорот следното лето. Хачинсон пристигна во Нотингем Форест минатата година од Ипсвич за тогаш рекордни 43,4 милиони евра. Иако во дебитантската сезона во Премиер лигата забележа еден погодок и седум асистенции на 31 натпревар, младиот фудбалер го привлече вниманието со својот раскошен потенцијал, меѓу другото, го постигна и израмнувачкиот гол против Манчестер Јунајтед на дебито на Рубен Аморим.

Кариерата на Хачинсон започна во академијата на Арсенал, по што премина во Челзи, а својот фудбалски талент најдобро го покажа за време на престојот во Ипсвич, каде што беше меѓу најзаслужните за враќањето на клубот во елитата. Иако има забележано два настапи за сениорската репрезентација на Јамајка на пријателски мечеви, тој претходно ги помина сите младински категории на англискиот национален тим.

Во таборот на „росонерите“, иако по природа е крилен играч, се очекува да дејствува како десен полушпиц кој влегува кон средината на теренот. Неговата разноврсност ќе донесе дополнителна ширина во нападот и здрава конкуренција за Кристијан Пулишиќ и Алфаџо Сисе во претстојните предизвици на Милан.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.