Младата ѕвезда на Шпанија, Ламин Јамал, со нетрпение го очекува полуфиналниот дуел против Франција на Светското првенство, признавајќи дека тоа ќе биде најголемиот предизвик во неговата досегашна кариера. Фудбалерот на Барселона истакна дека е свесен за важноста на натпреварот, но нагласи дека не чувствува никаков страв пред пресметката со Французите.
„Ова е најголемиот и најважниот натпревар во мојата кариера. Сепак, има многу потешки работи во животот од еден фудбалски меч. Знам што можам и не чувствувам никаков притисок. Страв? Воопшто не. Ние сме европски шампиони и не се плашиме од никого“, изјави Јамал.
Талентираниот офанзивец се осврна и на контроверзните изјави на поранешниот шпански премиер Маријано Рахој за француската репрезентација, потенцирајќи дека фудбалот треба да обединува, а не да создава поделби.
„Очекувам одличен натпревар. Ако фудбалот има вистинска смисла, тогаш тоа е да ги зближува луѓето. И Шпанија и Франција се примери за интеграција и токму тоа е најубавата страна на спортот. Не сакам да зборувам за нечии други изјави“, порача Јамал.
Шпанија и Франција вечерва од 21:00 часот ќе се борат за место во големото финале на Светското првенство, а вниманието повторно ќе биде насочено кон младиот шпански ас, кој досега блескаше на турнирот.

