Други спортови Тенис

Зверев по освојувањето на УС Опен: Да беа Синер и Алкараз здрави, можеби немаше да бидам најдобар!

Германецот Александер Зверев ги освои своите први два Гренд слем трофеи оваа сезона и ги одигра последните три финалиња на најголемите турнири, но и по големиот триумф во Њујорк остана изненадувачки скромен и искрен пред медиумите.

На прашањето дали по овие резултати се смета за најдобар тенисер во светот во овој момент, новиот шампион даде реален одговор:

„Тешко е да се одговори на тоа, мора да се земат сите фактори во предвид. Кога знаеме дека Јаник Синер во моментов е повреден, а Карлос Алкараз дури сега се враќа на теренот, веројатно во овој момент сум најдобар. Но, доколку тие двајца беа здрави и на врвот на својата игра, можеби немаше да бидам. Пред четири-пет месеци, кога двајцата беа здрави, не бев најдобар. Постојано губев од Јаник“, потсети Зверев на своите пет порази од Италијанецот.

Германецот откри и еден необичен детал од завршницата на финалниот меч против Бен Шелтон, каде што на самата меч-точка воопшто не бил свесен дека го освоил трофејот.

„Бев премногу фокусиран на финалето, не слушав ништо околу себе, како да бев во тунел. Кога публиката го подигна покривот, беше невозможно да го слушам судијата. Не го слушнав резултатот и мислев дека само поведов со 5:1 во четвртиот сет, а не дека освоив со 6:2 и дека мечот заврши“, раскажа германскиот тенисер.

Зверев истакна дека напорната работа му ги донела резултатите, а не исклучивиот талент, упатувајќи комплименти и до својот противник во финалето:

„Не сум најталентираниот играч на турнирот. Не мислам дека Бог ми даде сè како на некои други момци, сè што постигнав е плод на исклучително макотрпна работа. Бен исто така е многу вреден, постојано го гледам со татко му како работи пред и по мечевите. Синоќа одигра бекхенд на ниво какво никогаш претходно немал против мене. Порано ако му одигравте три-четири топки на бекхенд грешеше, но тоа веќе не е случај“.

Со овој триумф Зверев го затвори кругот на терените во Њујорк, каде што во 2020 година го претрпе најболниот пораз во кариерата кога пропушти предност од 2:0 во сетови против Доминик Тим.

„Сите тие лузни од пропуштените можности во минатото исчезнаа по мојот триумф на Ролан Гарос. Сега уживам да играм во најголемите мечеви, додека порано излегував на терен под огромен стрес и со голем знак прашалник над главата“, заклучи двократниот Гренд слем шампион.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.