Зоран Рогановиќ и официјално се враќа на предводничката позиција во машката ракометна репрезентација на Црна Гора. По нешто повеќе од три години пауза, тој повторно го презема кормилото на „лавовите“ како наследник на францускиот стратег Дидие Динар, чиј договор истече во јули.
Рогановиќ го држи рекордот за најмногу предводени натпревари на клупата на Црна Гора, каде што претходно престојуваше од август 2018 до јануари 2023 година. Во неговиот прв мандат го оствари и најголемиот успех во историјата на црногорскиот машки ракомет, освојувајќи го 11. место на Европското првенство во 2022 година.
Дел од новиот проект ќе биде и поранешниот капитен Васко Шеваљевиќ, кој е именуван за координатор на младинските репрезентативни селекции со цел да овозможи подобра поврзаност со сениорскиот тим.
Официјалното деби во вториот мандат Рогановиќ ќе го има на 5 ноември, кога Црна Гора гостува кај Унгарија во рамките на евро-квалификациите.

