Како во секој спорт, така и во ракометот не постојат случајни резултати, туку долгорочни системи, темелна работа и секојдневен труд. Напредокот не е нешто што се случува преку ноќ, туку е резултат на градење цврста структура која може да им пркоси на предизвиците…
Во ова интервју имаме можност да разговараме со Зоран Кастратовиќ, тренер со богато интернационално искуство зад себе кој во моментов предводи амбициозен проект за развој на ракометот во Јордан, а во минатото беше предводник на македонскиот шампион Вардар и женската репрезентација на Македонија, до селекторски ангажмани во Црна Гора, Иран, Саудиска Арабија… но и многу други реномирани клубови на Блискиот Исток.
Кастратовиќ ни ги открива предизвиците на животот на Блискиот Исток, борбата со предрасудите и визијата за создавање репрезентација која во 2028 година треба да застане рамо до рамо со азиските ракометни сили.
Животот во Јордан
Претходно работевте на Блискиот Исток и запознаени сте со тој менталитет. Сепак, по доаѓањето во Јордан, што остави посилен впечаток кај Вас, ракометот или животот надвор од теренот?
– Дел од моето животно и работно искуство е тесно врзано за Блискиот Исток. Јордан е четвртата земја од арапскиот свет каде имам можност да ги покажам моите стручни квалитети, но во исто време е земја која остави исклучителен впечаток врз мене. Сите ние, недоволно упатени, често имаме предрасуди за овој регион. Јордан е необичен и поинаков, но прекрасен. Главниот град Аман, изграден на седум брегови, е навистина посебен. Иако нема извори на нафта, Јордан нуди неверојатни доживувања, од Цитаделата и Римскиот театар, до светските чуда како Петра, пустината Вади Рум и Мртвото Море…
Спортот под сенка на геополитиката
Живеете и работите во регион кој често е под геополитички притисок. Дали таа напнатост се чувствува во секојдневието и како влијае врз спортските текови?
– Освен повремените сирени за воздушна опасност во текот на денот, животот се одвива сосема нормално. Сепак, спортот ги чувствува последиците преку логистичките проблеми. Јордан, како и соседите, се соочува со потешкотии при организирањето патувања, па поради безбедносната ситуација во регионот веќе се откажани неколку натпреварувања за помлади категории на ниво на арапските земји. И покрај тоа, сите национални селекции се во редовен тренажен процес, вклучувајќи ја и сениорската репрезентација во ракомет на песок, која месецов ќе настапи на Азиските игри во Кина.
Местото на ракометот во јорданското општество
Дали во средина како Јордан ракометот успева да стане „повеќе од игра“ или сè уште е во сенка на другите спортови?
– Морам да констатирам дека ракометот во Јордан сè уште не е на нивото на другите земји од регионот. Се прават големи напори за квалитативен исчекор, особено со вложување во помладите категории, но ракометот е во втор план. Кошарката, одбојката и особено фудбалот имаат примат. Јорданскиот фудбал доживува голем подем и нивната репрезентација ќе биде дел од Светското првенство оваа година, што дополнително го насочува фокусот таму.

Систем пред резултат „преку ноќ“
Вие важите за тренер кој темелно пристапува на проблемите и гради систем каде и да работи. Кога ја презедовте селекцијата, дали фокусот беше на инстант резултат или на градење темели за иднината?
– Во Јордан дојдов токму поради еден долгорочен и перспективен проект. Ангажиран сум на сите возрасни нивоа на националните тимови. Целта е создавање квалитет кој во иднина ќе може да им парира на најсилните азиски селекции. Нашата конкретна натпреварувачка цел за сениорскиот состав е пласман во првата квалитативна група, односно меѓу најдобрите осум на следното Азиско првенство во 2028 година.
Азија наспроти Европа
Колку е тешко да се гради систем во земја каде стандардите се далеку од европските? Дали Блискиот Исток полека го фаќа чекорот со Европа?
– Постојат репрезентации во Азија кои со огромни финансиски вложувања во стручен кадар направија видлив напредок. Сепак, генерално гледано, азискиот ракомет е сè уште далеку од квалитетот на водечките европски селекции. Тој јаз нема да се затвори преку ноќ.
Патот до врвните клубови и примерот со Египет
Следиме играчи од Арапските земји, како Египќанецот Јахија Ел-Дера во Веспрем, но и многу други кои доминираат во Европа. Колку сме далеку од денот кога ќе видиме играч од Јордан на тоа ниво?
– Тунис порано, а Египет денес, се огромни извори на таленти. Многу играчи од Северна Африка оставиле печат во светскиот ракомет, а нивниот пат најчесто водел преку афирмација во силниот француски шампионат. Египетските асови, вклучувајќи го и Хешам Елсајед Мохамед, кој беше МВП на кадетското СП во Скопје, потоа Хасан Кадах од Киелце, кој беше најдобар стрелец на шампионатот во Македонија, напрво доминираа во помладите категории.
Токму играчи од Египет настапуваат во најсилните европски клубови како на пример голманот Али кој брани во Спортинг Лисабон, Ел-Дера, Хешам, Али Зеин и пивотот Ахмед Адел во Веспрем… Јахиа Омар во ПСЖ.
За Јордан да го постигне тоа, мора прво да помине низ тој макотрпен процес на развој на млади играчи.

Моделот на натурализација како опција
Женската македонска ракометна репрезентација во 1997 година успеа за прв пат да се пласира на Светско првенство, кое се одигра во Германија, каде имавме одлично 7. место и ја победивме големата Данска. Во репрезентацијата имавме одлични играчи кои всушност немаа корени од Македонија, беа натурализирани играчи од други земји кои настапуваа во европскиот шампион Кометал, а потоа Македонија стана нивна прва татковина. Токму со тие играчи Македонија го доживеа можеби најголемиот успех во женскиот ракомет. Дали размислувате за сличен модел за побрзо подигнување на нивото во Јордан?
– Репрезентацијата на Јордан во моментов е составена исклучиво од домашни играчи. Сметам дека овој подмладен состав (со просек од 24 години) кој настапи на последното Азиско првенство во јануари, треба да се надградува преку искуство и нови млади сили од домашните клубови. Во овој момент, не гледам простор за ангажман на странски ракометари.
Реални амбиции меѓу азиските гиганти
Јордан нема учество на Светско првенство во ракомет, но се редовни учесници на Азиските првенства. На последното кое се одржи во 2024 од вкупно 16 селекции, Јордан заврши на 11 позиција. Знаеме дека конкуренцијата е навистина силна, затоа колку е реално да се приближите до Топ 6, покрај сили како Катар, Јапонија и Бахреин?
– На последното првенство ја остваривме целта со квалитетни настапи, што ни овозможи да бидеме во третиот шешир за следниот циклус, скалило погоре од претходно. Мора да се разбере дека другите сојузи вложуваат енормни средства. Катар игра без ниту еден домашен играч, а Ирак користи натурализирани играчи од Тунис, Египет и Иран. Во таква конкуренција, нашиот напредок мора да биде постепен и системски.

Можат ли азиските репрезентации да ги загрозат европските велесили
Дали во иднина ќе гледаме селекции од Блискиот Исток како рамноправни конкуренти на Светските првенства?
– Искрено, во догледно време, не. Потребно е уште многу време, систематска работа и труд за да се создаде квалитет кој во сениорска конкуренција би бил константно конкурентен на врвните европски национални тимови.
Мотивот и професионалното наследство
Што е Вашиот најголем мотив во оваа „јорданска приказна“?
– Пред сè, ме мотивира самиот процес на создавање на нов квалитет. Работам на тоа да оставам трага и сопствено наследство преку воспоставување на систем на тренирање и играње кој ќе продолжи да функционира во ракометните селекции на Јордан и по мојот ангажман.

