Меѓународен фудбал Фудбал

Зинедин Зидан официјално го презеде кормилото на Франција!

Фудбалската федерација на Франција официјално го претстави Зинедин Зидан како нов селектор на националниот тим. Легендарниот фудбалер го наследи Дидие Дешам, со што конечно заврши повеќемесечната сага околу неговото враќање во репрезентацијата.

Точно две децении по финалето на Светското првенство во 2006 година, каде ги предводеше „триколорите“ како капитен, 54-годишниот стручњак се враќа во националниот тим. За Зидан ова е и враќање на тренерската професија по петгодишна пауза од заминувањето од Реал Мадрид.

Претседателот на федерацијата, Филип Диало, потврди дека соработката е договорена на четири години, односно до Светското првенство во 2030 година, а договорот официјално стапува на сила од 1 август. Дебито на Зидан ќе биде на 25 септември против Турција во Лигата на нации.

Францускиот ас не го криеше задоволството од остварувањето на неговата најголема желба.

„За мене ова е сон. Можам да кажам дека во изминатите четири или пет години имав понуди од клубови, но ги одбивав бидејќи сакав да ја водам само Франција. Тоа беше единственото нешто што го сакав. Го минав целиот пат како играч, а сега ќе дадам сè од себе да продолжиме да победуваме“, истакна Зидан.

Новиот селектор му се заблагодари и на својот претходник Дидие Дешам за сето она што го направи во изминатите 14 години. Во однос на стилот на игра, Зидан најави офанзивен пристап.

„За брзо ќе видите каков ќе биде мојот стил. Во септември подобро ќе го објаснам тоа. Мене ме движи играта, бев ‘десетка’ и она што секогаш ме мотивираше беше да одам кон голот и да постигнувам погодоци. Поминав 25 години во Шпанија и знаете што значи тоа“, додаде тој.

Зидан додаде дека сè уште не разговарал за идната улога на капитанот Килијан Мбапе, истакнувајќи дека сака да му даде простор за одмор пред септемврискиот собир.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.