Репрезентациите на Франција и Белгија вечерва (20:45 часот) во Париз го играат централниот натпревар од групата во Лигата на нации. Станува збор за директен судир за лидерската позиција, каде што домашните „триколори“ влегуваат со еден бод предност во однос на својот сосед, но и со огромна психолошка предност по скорошниот триумф во Брисел.
Франција, под палката на новиот селектор Зинедин Зидан, покажува исклучителна дефанзивна стабилност и сè уште не знае за пораз. По минималните победи над Турција и Белгија во првите два натпревари од новиот циклус, францускиот состав во минатото коло одигра 1-1 против Италија на „Стад де Франс“. Посебно загрижувачки за гостите е традицијата, Франција влегува во овој дуел со неверојатна серија од шест последователни победи над Белгијците, при што дури на четири од тие мечеви успеа да ја зачува мрежата недопрена.
Од друга страна, Белгијците, и покрај тој минимален пораз од Французите пред десетина дена, демострираат континуитет и имаат претрпено само два порази на последните 22 натпревари. Со триумфите над Италија и Турција, „црвените ѓаволи“ го сочуваа чекорот за првото место, но вечерва во Париз ќе мора да одиграат совршен меч доколку сакаат да ја прекинат црната серија против соседот.
Во вториот натпревар од истата група, кој се игра во истиот термин, Италија на домашен терен ја пречекува Турција. „Азурите“ влегуваат како големи фаворити против турскиот состав предводен од Винченцо Монтела, кој по трите порази по ред се наоѓа под огромен притисок и пред речиси неизбежно испаѓање во Б-дивизијата.

