Португалската фудбалска репрезентација ќе влезе во нов циклус со нов селектор на клупата. По разделбата со Роберто Мартинез, кој го потврди своето заминување по елиминацијата од Шпанија во осминафиналето на Светското првенство, кормилото го презема искусниот Жорж Жезус.
Седумдесет и едногодишниот стратег зад себе има богата тренерска кариера, во која ги предводеше некои од најголемите португалски клубови, меѓу кои Бенфика и Спортинг. Покрај тоа, работеше и во Бразил со Фламенго, како и во Турција со Фенербахче.
Во последните неколку години Жезус беше активен во Саудиска Арабија, каде ги водеше Ал Хилал и Ал Наср, клубот во кој настапува и Кристијано Роналдо.
Иако во кариерата има повеќе од 1.170 натпревари и освоени 25 трофеи, ова ќе биде негово прво искуство како селектор на национална репрезентација. Од него се очекува да ја врати Португалија на победничките патеки и повторно да ја вклучи меѓу главните фаворити на големите натпреварувања.

