Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет Репрезентација на Македонија

Женската репрезентација тргна во нов циклус под водство на Марковиќ

Македонскиот женски ракомет влегува во нова фаза. Денеска започна новиот репрезентативен циклус, со првиот собир на сениорската селекција под водство на новиот селектор Игор Марковиќ. Со новиот предводник на клупата започнува и период во кој репрезентацијата ќе се обиде да постави поинакви основи, а првата можност за тоа ќе биде турнирот „Трофеј Македонија 2026“.

Репрезентативките денеска се собраа во просториите на Ракометната федерација на Македонија, каде го одржаа првиот состанок со Марковиќ. На почетокот на новиот циклус, присутен беше и генералниот секретар на РФМ, Влатко Тасевски, кој им се обрати на ракометарките и им посака успешни подготовки и настапи во периодот што следува. По официјалниот состанок во Скопје, репрезентацијата веднаш се упати кон Охрид. Токму таму ќе продолжи работата, со тренинзи и подготовки за претстојниот „Трофеј Македонија 2026“.

За Игор Марковиќ ова претставува прв официјален собир откако ја презеде функцијата селектор на женската сениорска репрезентација. Претстојниот турнир во Охрид ќе биде значаен и од аспект на запознавањето со репрезентативките, но и за поставување на начинот на работа и принципите според кои селекцијата ќе функционира во иднина. Новиот селектор сега го има првиот период на располагање за да ги согледа можностите на тимот, да воспостави комуникација со ракометарките и постепено да ја гради визијата за македонската репрезентација.

Првиот собир е реализиран, подготовките продолжуваат, а следниот чекор ќе биде настапот на „Трофеј Македонија 2026“, каде Македонија ќе го има првиот настап под водство на Марковиќ.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.