Меѓународен фудбал Фудбал

Ждрепка за Лига купот: Дерби меѓу Ливерпул и Тотенхем на „Енфилд“, Јунајтед го пречекува Брајтон!

Вчера навечер се одржа ждрепката за третото коло од англискиот Лига куп, фаза во која се приклучуваат и деветте клубови кои оваа сезона настапуваат во европските натпреварувања. Апсолутно дерби на оваа фаза од купот ќе се одигра на „Енфилд“, каде што Ливерпул ќе го пречека тимот на Тотенхем во пресметка на два премиерлигашки гиганти.

Интересни дуели ги очекуваат и останатите фаворити за трофејот. Манчестер Јунајтед на домашен терен ќе се соочи со Брајтон, додека Манчестер Сити за противник го доби тимот на Норич. Арсенал во оваа рунда оди на гостување кај Ипсвич, а Астон Вила ќе гостува кај Ковентри. Кристал Палас ќе ги одмери силите со Мидлсбро, Сандерленд го пречекува Хал Сити, додека Борнмут игра против Линколн. Во останатите позначајни дуели, Милвол ќе биде домаќин на Њукасл, Евертон ќе се бори против Вулверхемптон, а единствениот преостанат четвртолигаш Флитвуд ќе се соочи со Шефилд Јунајтед.

За да се избегне преклопување со првото коло од Лигата на шампионите и Лигата на Европа, натпреварите од оваа рунда ќе се одиграат во текот на неделите што започнуваат на 7 и 14 септември. Последните два учесници во третото коло ќе бидат познати по завршувањето на преостанатите средби меѓу Челзи и Лутон, односно Фулам и АФЦ Вимблдон.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.