Амбициите на ГРК Охрид за претстојната сезона добија нова, сериозна потврда со ангажманот на едно од најперспективните имиња во регионалниот ракомет. Охриѓани не престануваат со градењето на тимот кој треба да биде рамноправен во борбата за највисоките позиции, а со секое ново засилување станува јасно дека „Билјанини Извори“ ќе биде арена на која ќе се игра врвен ракомет.
Никола Зечевиќ е четвртото големо име кое летово се сели во Охрид, ставајќи потпис на договор кој го обврзува на верност кон клубот најмалку до 2028 година. Станува збор за современ лев бек, висок импресивни 200 сантиметри, кој во Охрид доаѓа со епитетот капитен на актуелниот српски шампион, Партизан. 24-годишниот ракометар веќе е стандарден дел од најдобриот национален состав на Србија, каде со своите партии во двата правци се наметна како неизбежен избор во репрезентативните ротации.
Зечевиќ во својот нов клуб ќе го носи дресот со број 31, а неговото доаѓање е директно поврзано со визијата на тренерот Ројевиќ чиј проект за модерен и моќен Охрид беше клучен во преговорите.
Српскиот интернационалец не го криеше задоволството од новиот предизвик во кариерата:
„Навистина сум среќен и со големо нетрпение го очекувам мојот прв излез на теренот во дресот на Охрид. Одлуката за потписот не беше воопшто тешка, особено кога ќе се погледнат големите цели на клубот кој бележи евидентен раст секојдневно. Работата со тренер како Ројевиќ, кого го познавам долго време, е дополнителен мотив за мене. Едвај чекам да ја почувствувам атмосферата која ја создава охридската публика и се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата на сите во клубот и на навивачите. Убеден сум дека заедно ќе ги оствариме сите зацртани планови.“

