Меѓународен фудбал Фудбал

Заборавениот на „Олд Трафорд“ Тајрел Маласија, замина преку Атлантикот за да ја спаси кариерата

Откако неговата епизода во Манчестер Јунајтед се претвори во вистински кошмар исполнет со тешки повреди и долгогодишна пауза од терените, холандскиот дефанзивец Тајрел Маласија официјално го пронајде својот нов фудбалски дом. Поранешниот репрезентативец на „лалињата“ како слободен играч стави потпис на едногодишен договор со американскиот МЛС-лигаш Синсинати.

Маласија пристигна на „Олд Трафорд“ како прво засилување во ерата на Ерик тен Хаг за повеќе од 15 милиони евра, но по ветената дебитантска сезона доживеа компликувана операција на коленото која го оддалечи од фудбалот дури година и пол. По враќањето, тој не успеа да избори стандардна минутажа ниту кај Рубен Аморим ниту за време на заемот во ПСВ, па разделбата со англискиот гигант беше неизбежна.

Американскиот клуб Синсинати очајно бараше засилување во задната линија откако прими застрашувачки 59 погодоци на 24 натпревари, па ангажманот на Холанѓанецот се гледа како клучен потег. Генералниот менаџер на тимот, Крис Олбрајт, не го криеше задоволството од новиот потпис:

„Исклучително сме возбудени што доведовме играч со такво реноме. Тајрел зад себе има искуство од највисокото европско ниво и одлично ги разбира сите барања на големата сцена. Неговата дефанзивна интуиција, контрола на топката и тимски менталитет ќе бидат огромно засилување за нас во битката за плејофот“, порача Олбрајт.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.