Од денес па се до недела, спортската јавност ги врти погледите кон Струмица. Градот под „Царевите Кули“станува епицентар на македонскиот ракомет, домаќин на завршниот турнир во Купот, каде што покрај дамите, ќе се одлучува и судбината на најпрестижниот машки трофеј. Четирите најдобри екипи пристигнаа со јасни амбиции, но само еден ќе се радува на крајот.
Првиот полуфинален дуел, закажан за 17:00 часот, носи пресметка меѓу ГРК Охрид и Еурофарм Пелистер. Битолчани влегуваат во овој меч со јасен мотив – одмазда за неодамнешниот пораз токму во Битола. „Чкембарите“ се свесни дека им недостига пехар во Купот точно 21 година, што е предолг период за клуб како Еурофарм Пелистер. Од друга страна, охриѓани се мотивирани како никогаш досега, стремејќи се кон својот прв историски трофеј, што ветува исклучително неизвесен натпревар.
Вечерниот термин, од 20:00 часот, е резервиран за вистински спектакл меѓу Вардар 1961 и Алкалоид. Вардарци, како апсолутни владетели со 17 освоени титули, доаѓаат по својот 18-ти пехар, но Алкалоид, се надева на сензација.

