Актуелниот македонски фудбалски првак Вардар одигра луд меч со дури шест погодоци на гостувањето кај Башкими (3:3), каде што од амбисот и негативата од два гола дојде на чекор од спектакуларен пресврт, но на крајот сепак мораше да се задоволи само со бод. Во коло во кое кикснаа и конкурентите Шкендија, Струга и Тиквеш, избраниците на Гроф Божовиќ пропуштија голема шанса значително да му се доближат на лидерот на табелата.
Кумановци тргнаа фуриозно пред својата публика и за кусо време стигнаа до убедливи 2:0. Прво Фати Исмаили во 20. минута со глава го отвори резултатот по еден корнер, а потоа и Антонио Силва Рашид ја искористи грешката во задната линија на гостите, го заобиколи голманот Талески и ја смести топката во празната мрежа. Сепак, Вардар брзо го прифати предизвикот, па преку Давид Бабунски ја врати надежта уште пред паузата (2:1).
Продолжението донесе целосна иницијатива на „црвено-црните“, а на сцената стапи Горан Закариќ. Офанзивецот за само две минути (од 70-тата до 72-рата) постигна два мајсторски погодоци, прво со прецизен удар со левата нога откосо, а потоа и со погодок на спротивниот дирек за целосен пресврт и ерупција од радост за 2:3. Сепак, кога сите веќе одбројуваа до триумф на гостите, нововлезениот Хебиб Саити во самиот финиш му избега на Јанкулов и реализираше за конечни 3:3 и голем бод за Башкими.

