Големото неделно финале на Светското првенство меѓу Аргентина и Шпанија нема да одлучува само за новиот владетел на фудбалскиот свет. Победникот од овој дуел ќе си замине дома со најголемата парична награда во историјата на мундијалите. ФИФА за овој шампионат обезбеди рекорден награден фонд од дури 655 милиони долари. Ова претставува зголемување за неверојатни 50 проценти во споредба со претходниот Мундијал во Катар.
Новиот светски шампион кој ќе слави во недела ќе инкасира фантастични 50 милиони долари. Поразениот финалист ќе мора да се задоволи со сума од 33 милиони долари. Огромни премии ги очекуваат и репрезентациите кои ќе се борат за утешното трето место во Мајами. Победникот од пресметката меѓу Франција и Англија ќе заработи 29 милиони, додека четвртопласираната селекција ќе добие 27 милиони долари.
Сериозни парични награди се обезбедени и за останатите учесници во нокаут-фазата. Четвртфиналистите Мароко, Белгија, Норвешка и Швајцарија ќе добијат по 19 милиони долари. Сите 48 репрезентации кои настапија на турнирот имаа загарантиран приход од најмалку 10,5 милиони долари. Овие средства ФИФА ги префрла директно до националните сојузи, кои потоа одлучуваат за премиите на играчите и инвестициите во инфраструктурата.

