Повеќенеделната неизвесност околу иднината на Пејтон Вотсон заврши откако крилниот кошаркар го напушти Денвер и кариерата ќе ја продолжи во Кливленд. Вотсон ќе потпише четиригодишен договор вреден 88 милиони долари, а во големиот трејд учествуваат Денвер, Кливленд, Лос Анџелес Клиперс и Вашингтон.
Нагетси за возврат добија незаштитен пик од првата рунда на Кливленд во 2031 година и пик од втората рунда во 2032 година. Денвер реши да не ја изедначи понудата за Вотсон поради огромниот финансиски товар што би го донел неговиот договор. 23-годишниот Вотсон зад себе има најдобра сезона во НБА, со просек од 14,6 поени, 4,9 скокови, 2,1 асистенција и 1,1 блокада по натпревар.
Тој во Кливленд ќе добие значително подобар договор од оној што му го нудеше Денвер, а ќе биде дел од тимот предводен од Донован Мичел, Еван Мобли и Џерет Ален. За Нагетси ова е начин да избегнат огромни даночни трошоци, но во исто време тимот околу Никола Јокиќ останува без еден од своите најперспективни млади играчи.

