Десното крило на Вардар 1961, Вукашин Воркапиќ, со голема доза на реализам гледа на претстојното гостување во Полска, каде што „црвено-црните“ ги чека нов тежок испит против Висла Плок во 4. коло од ракометната Лига на шампиони. Скопскиот состав сѐ уште ги брка првите бодови во елитното друштво, а српскиот интернационалец верува дека само со драстично подобар пристап и максимална борбеност може да се бара позитивен исход.
Воркапиќ не крие дека домаќинот го има фаворитскиот статус на хартија, но нагласува дека предавање предвреме воопшто не доаѓа во предвид:
„Теоретски сѐ е можно, иако реално можеби немаме големи шанси. Не знам дали на првиот натпревар го дадовме максимумот, но тоа не беше доволно. Сега мораме да се собереме, да ги анализираме грешките и да го поправиме она што може да се поправи.“
Борбениот ракометар ветува поинакво лице на вардарци во однос на дуелот во Скопје и порачува дека вистинската енергија ќе биде клучниот фактор на теренот:
„Ќе сториме сѐ за да одиграме поинаков натпревар, да покажеме повеќе и да се обидеме да ги освоиме двата бода што толку многу ги посакуваме. За тоа ни се потребни вистински пристап и енергија. Тоа е најважно и ќе го дадеме максимумот“, порача Воркапиќ.
Дуелот меѓу Висла Плок и Вардар 1961 се игра во среда од 20:45 часот.

