Авто-мото Други спортови

Волф го советува Антонели: Нема опуштање, работата сè уште не е завршена

Шефот на Мерцедес, Тото Волф, упати јасна порака до Кими Антонели дека мора да остане максимално претпазлив и фокусиран, и покрај огромната предност што ја има на челото во генералниот пласман во Формула 1 шампионатот.

Антонели е лидер со 292 бода, додека неговиот тимски колега Џорџ Расел се наоѓа на второто место со 211 бода. И покрај комфорната предност од 81 бод, италијанското сензационално момче во повеќе наврати истакна дека зад воланот воопшто не ги прави математиките за светската титула.

Волф ја пофали таквата психолошка подготвеност на младиот возач, но потсети дека во мото-спортот ништо не е загарантирано сè додека и математички не се затвори шампионатот:

„Ви ветувам дека тој навистина не размислува за титулата. Неверојатен е начинот на кој ова момче умее да ги одвои работите, да биде обично момче надвор од патеката, а потоа да седне во болидот и да се претвори во неверојатно успешен и созреан тркач. Затоа, кога Кими си вели ‘не размислувам за шампионатот’, тој навистина мисли така. Сепак, ние, неговите родители и целиот тим постојано му укажуваме дека работата сè уште не е завршена. Секогаш постојат непредвидени околности, тие можат да се случат одеднаш и од раце да ви го избијат она што сте мислеле дека веќе го поседувате.“

Следниот предизвик за лидерот во генералниот пласман и тимот на Мерцедес ќе биде на 26 септември, кога на улиците во Баку ќе се вози трката за Големата награда на Азербејџан.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.