Формула 1 сè уште не го објави календарот за сезоната 2027, а претседателот на шампионатот, Стефано Доменикали, потврди дека организацијата веќе подготвува алтернативни сценарија доколку безбедносната состојба на Блискиот Исток не се подобри. Вообичаено распоредот за следната сезона се објавува во овој период од годината, но овојпат тоа е одложено за есен поради неизвесноста околу конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.
Доменикали истакна дека примарната цел е да биде претставен стандардниот календар, но нагласи дека Формула 1 располага со повеќе резервни опции доколку ситуацијата го наложи тоа. Овогодишната сезона веќе претрпе промени, откако трките за Големата награда на Бахреин и Саудиска Арабија беа откажани поради безбедносните ризици. Доколку и следната година не се создадат услови за одржување на трките во Катар и Абу Даби, шампионатот би можел да заврши со европска трка.
„Имаме подготвени различни планови, но конечната одлука ќе ја донесеме кон крајот на годината, кога ќе имаме појасна слика за состојбата“, изјави Доменикали.

