Европски првенства Кошарка Меѓународна кошарка Репрезентација на Македонија

Војдан Стојановски по ждрепката: Со комплетен состав можеме до целта!

Капитенот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Војдан Стојановски, е задоволен од исходот на ждрепката за вториот круг од претквалификациите за ФИБА Евробаскет 2029.

„Црвено-жолтите“ во новоформираната група „Ф“ за противници ги добија селекциите на Австрија и Кипар, а за пласман во квалификациите ќе одиграат четири натпревари во борба за првото место.

Иако ждрепката донесе противници со кои Македонија има позитивни искуства, капитенот Стојановски повикува на сериозен пристап и максимален ангажман во остварувањето на следната цел – пласман во квалификациската фаза за Европското првенство во 2029 година.

„Би рекол дека, пред сè, најважно е да бидеме сите здрави, а уште поважно е да бидеме комплетни. Селекторот да ги има на располагање сите играчи, бидејќи има неколку кошаркари кои не беа дел од овој прв претквалификациски циклус, во кој остваривме максимален резултат.

Факт е дека имаме нешто полесни противници во втората рунда, но тоа е само на хартија. Во кошарката одамна нема лесни натпревари и фаворити однапред. Пред нас се нови четири средби, а ние мора да одиме чекор по чекор.

За разлика од овој циклус, во августовскиот ќе имаме помалку денови за подготовки. Но, доколку сме сите на број и го достигнеме вистинското ниво, верувам дека ќе имаме уште поголеми шанси да ја оствариме главната цел – пласман во квалификациите за следното Европско првенство“ – изјави капитенот на Македонија.

Македонската репрезентација во вториот круг од претквалификациите ќе стартува на 30 август, а во групата „Ф“ ќе се соочи со Австрија и Кипар. Само најдобропласираната селекција ќе обезбеди место во квалификациите за ФИБА Евробаскет 2029.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.