Италијанскиот прволигаш Комо воведе строги ограничувања за играта со глава во својата младинска школа со цел да го заштити здравјето на младите фудбалери. Според новите правила, на децата помлади од десет години нема да им биде дозволено да ја удираат топката со глава ниту на тренинзите, ниту на натпреварите. Наместо класично изведување аути и корнери, најмладите категории ќе ја враќаат топката во игра исклучиво со подавање по земја.
Забраната за игра со глава ќе важи и за категоријата под 11 години, додека кај под 12 и под 13 години оваа техника ќе се практикува со строги ограничувања, најмногу до пет обиди по тренинг и тоа со користење на олеснета гумена топка. Тренерите во сите генерации добија јасни инструкции да го сведеат на минимум непотребното удирање на топката со глава и да избегнуваат премногу премпани топки.
Во креирањето на овие нови правила учествуваше и поранешниот француски репрезентативец Рафаел Варан. Поранешниот дефанзивец на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед во повеќе наврати јавно говореше за опасностите од потресите на мозокот и долгорочните последици што ги оставаат честите удари во главата во текот на фудбалската кариера.

