Од следната сезона во шампионатот во Формула 1 повторно се враќа Трката за Големата награда на Турција во Истанбул. Стазата „Истанбул парк“ ќе остане на календарот на Формула 1 до 2031 година.
Оваа стаза важи за една од технички најтешките во шампионатот. Должината и е 5,33 километри, а карактеристична е по големите промени во надморската висина.
Големата награда на Турција првпат се одржа во 2005 година, а по деветгодишна пауза, трката повторно се возеше во 2020 и 2021 година. Последен победник на патеката „Истанбул парк“ беше Валтери Ботас, кој во 2021 година триумфираше со болидот на Мерцедес.

