Во време кога големите фудбалски имиња често ги менуваат клубовите во потрага по нови предизвици, Нико Вилијамс испраќа поинаква порака. Шпанскиот репрезентативец останува посветен на Атлетик Билбао, и покрај интересот од европските гиганти и бројните шпекулации за неговата иднина.
Крилниот напаѓач откри дека во текот на летото имал повеќе можности за трансфер, меѓу кои и понуди или интерес од Пари Сен Жермен и Арсенал. Сепак, неговата желба била да продолжи да го носи дресот на баскискиот клуб, иако најголем дел од јавноста го поврзуваше со Барселона.
„Никогаш не се сомневав дека сакам да бидам тука. Имав безброј понуди ова лето, како и претходните, но сакам да останам“, истакна Вилијамс.
Тој нагласи дека одлуките за својата кариера ги носи во тесен семеен круг, заедно со родителите и братот Ињаки, додавајќи дека јавноста не знае што навистина се случува зад затворените врати во нивниот дом. Вилијамс се осврна и на неодамнешната контроверзија, откако случајно означил „лајк“ на објава што навредила дел од навивачите на Атлетик. Фудбалерот објасни дека тоа се случило додека ги прелистувал содржините на социјалните мрежи, а за реакциите дознал дури откако се разбудил од попладневната дремка.
Со своите изјави, Шпанецот испрати јасна порака дека неговата иднина не зависи само од интересот на големите клубови, туку и од личната приврзаност кон Атлетик Билбао.

