Меѓународен фудбал Светски првенства Фудбал

Виза-драма пред Мундијалот, Иранците се жалат на нееднаков третман од САД!

Фудбалската репрезентација на Иран се соочува со сериозни бирократски пречки кои директно ги загрозуваат нивните подготовки за претстојното Светско првенство. Како што соопшти иранскиот амбасадор во Мексико, Аболфазл Пасандидех, националниот тим сè уште ги нема добиено потребните американски визи, поради што тие не учествуваат на овој шампионат под „еднакви услови“ со останатите селекции.

Поради овие проблеми, Иранците беа принудени да го преселат својот тренинг-камп во мексиканскиот пограничен град Тихуана, иако првичниот план беше подготовките да се одработат во Тусон, Аризона. Амбасадорот упати директни критики до САД, нагласувајќи дека земјата домаќин не си ја завршила својата обврска кон нивната делегација. Иранската фудбалска федерација сè уште се надева дека играчите навреме ќе добијат визи за повеќекратен влез, со оглед на тоа што нивните три групни натпревари треба да се одиграат на американско тло.

Според официјалниот распоред, Иран треба да дебитира во Лос Анџелес на 15 јуни против Нов Зеланд, на истото место ќе се соочи со Белгија на 21 јуни, додека последното коло од групната фаза ќе го одигра во Сиетл против Египет на 26 јуни.

Дипломатот потенцираше дека покрај визниот проблем, подготовките на тимот се сериозно уназадени и поради воениот конфликт на Блискиот Исток кој започна на 28 февруари. Иранската дипломатска делегација веќе ги посети стадионот и локалните безбедносни служби во Тихуана, каде тимот во моментов тренира во обид да го фати потребниот ритам пред почетокот на мундијалските возбуди.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.