Познатиот агент Жорж Мендеш ги згасна сите шпекулации околу иднината на португалскиот тандем Витиња и Жоао Невеш, порачувајќи дека неговите клиенти се апсолутно недопирливи во ПСЖ. Иако најголемите европски гиганти, предводени од Реал Мадрид, веќе се подготвуваа за милионска битка на пазарот, Мендеш јасно стави до знаење дека играчите не се за продажба и дека токму околу нив ќе се гради долгорочниот проект на францускиот шампион. Овој тандем во моментов важи за еден од најдобрите средни редови во светот, каде Витиња ја носи контролата и смиреноста во стилот на легендарниот Иниеста, додека Невеш додава агресивност на средината.
Токму поради нивната супериорност, селекцијата на Португалија со право се сместува меѓу главните фаворити за освојување на претстојното Светско првенство. Кога на двете млади ѕвезди од Париз ќе им се додаде и искуството на Бруно Фернандеш, јасно е дека избраниците на Роберто Мартинез на хартија имаат пеколно силен среден ред со кој ќе ја нападнат престижната „божица“. Имајќи го предвид нивниот огромен репрезентативен и клупски потенцијал, воопшто не чуди одлуката на ПСЖ по секоја цена да ги задржи овие двајца фудбалери на „Паркот на принцовите“.

