Иднината на Винисиус Жуниор во Реал Мадрид сè уште е неизвесна, откако преговорите за продолжување на договорот наидоа на сериозна пречка поради високите финансиски барања на бразилскиот репрезентативец. Според новинарот Пепе Алварес, офанзивецот побарал бонус од дури 80 милиони евра како услов за потпишување нов договор со „кралскиот клуб“. Покрај тоа, Винисиус сака значително да го зголеми и својот удел од приходите остварени преку имиџ-правата, од сегашните 50 на 80 проценти.
Токму овие услови во моментов ги отежнуваат преговорите меѓу двете страни, па засега нема договор за продолжување на соработката.
Винисиус е дел од Реал Мадрид од 2018 година, а актуелниот договор му истекува во летото 2027 година. Во сезоната 2025/26 настапи на 53 натпревари во сите конкуренции, при што постигна 22 гола и запиша 14 асистенции, уште еднаш потврдувајќи дека е еден од најважните фудбалери во тимот.

