Предстојната трка за Големата награда на Италија пред домашната публика во Монца за екипата на Ферари ќе помине во знакот на еден од најголемите јунаци во историјата на Скудерија, Михаел Шумахер.
Италијанскиот тим претстави специјален дизајн со кој одбележува 30 години од пристигнувањето на легендарниот германски возач во Маранело. Болидите SF-26, кои викендов ќе ги управуваат Шарл Леклер и Луис Хамилтон, се инспирирани од моделот F310 од 1996 година со кој Шумахер дебитираше за екипата. На болидот доминира препознатливата црвена боја со бели и црни детали, а посебен визуелен акцент се златните бандажи, директен омаж на оригиналниот изглед од пред три децении.
Најемотивниот детал се наоѓа на носот од болидот, каде што се поставени седум ѕвездички кои ги симболизираат неговите седум светски титули, од кои пет беа освоени во низа за Ферари од 2000 до 2004 година. На автомобилите и на специјалните тркачки комбинезони на Леклер и Хамилтон исто така се наоѓа и неговото препознатливо лого „МС“, а стартните броеви добија ретро-формат.
За време на својот престој во Маранело, Шумахер оствари 72 победи, 58 пол-позиции и 179 стартови за тимот, а дури петпати триумфираше пред италијанските „тифози“ во Монца (1996, 1998, 2000, 2003 и 2006 година). Покрај посебниот изглед на болидите, за време на тркачкиот викенд на патеката ќе бидат изложени и три легендарни автомобили од неговата кариера: F310 од 1996, шампионскиот F2002 и моделот 248 F1 од 2006 година.

