Англискиот фудбалски клуб Вест Хем уште еднаш докажа дека верноста на неговите навивачи не познава граници и не зависи од рангот во кој се натпреварува тимот. Иако од следната сезона лондонскиот состав ќе ги одмери силите во второлигашката конкуренција, односно во популарниот Чемпионшип, клубот официјално соопшти дека веќе има продадено повеќе од 50.000 сезонски билети.
Оваа бројка е уште поимпресивна ако се земе предвид дека во моментов се продадени повеќе годишни карти отколку минатата година, кога тимот се натпреваруваше во елитната Премиер лига. Клубот од Лондон традиционално отсекогаш бил при самиот врв во Англија по бројот на лојални навивачи со обезбедено место на стадионот, но ваквиот масовен одзив по преселбата во понизок ранг ги надмина и најоптимистичките очекувања.
An incredible show of support, with more sold than last season ❤️
Don’t miss out on joining the waitlist today before it closes
— West Ham United (@WestHam) July 17, 2026
„Чеканите“ претходната сезона ја завршија со болно испаѓање од елитното друштво. Овој пад дојде како огромен шок за јавноста, особено бидејќи само три години претходно, во 2023 година, клубот го оствари еден од најголемите успеси во својата модерна историја со освојувањето на трофејот во УЕФА Лигата на конференции. Сепак, фановите јасно ставија до знаење дека нема да го остават својот омилен тим на цедило и дека ќе бидат неговиот клучен „дванаесетти играч“ во експресниот обид за враќање во елитата.

