Португалскиот стручњак Нуно Еспирито Санто повеќе не е менаџер на Вест Хем Јунајтед. Управата на лондонскиот клуб реши да му врачи отказ по двата последователни порази на домашен терен од директните ривали за промоција во Премиер лигата Саутемптон (2:3) и Вест Бромвич Албион (1:3). По оваа катастрофална серија, „чеканите“ паднаа на осмото место на табелата во Чемпионшип.
За Португалецот ова беше четврти клуб во Англија со кој ја прекинува соработката, по епизодите во Вулверхемптон, Тотенхем и Нотингем Форест. Иако раководството му даде доверба дури и по испаѓањето од Премиер лигата, а сезоната во вториот ранг ја започна одлично и ја освои наградата за менаџер на месец септември, формата на тимот доживеа целосен колапс.
Капките што ја прелија чашата кај раководството и навивачите беа сериозните дефанзивни слабости. Вест Хем капитулираше дури шест пати на последните два меча, а на 13 одиграни дуели оваа сезона успеа да ја сочува мрежата чиста само трипати. Покрај дефанзивната криза, на Португалецот му се замеруваа и збунувачките тактички замисли, како и скромниот ефект од засилувањата кои беа доведени под негова сугестија.
Тимот привремено ќе го предводи клупската легенда Марк Нобл, поддржан од Стив Потс и Џерард Прендервил. Во меѓувреме, управата веќе ја започна потрагата по трајно решение, а како најсериозни кандидати за жешката клупа се споменуваат Скот Паркер, Киран Мекена, Роб Едвардс, Шон Дајч и Томас Франк.

