Светот на Формула 1 е пред вистински земјотрес по најавите за сензационален трансфер на релација Милтон Кинс – Вокинг. Според информациите на „F1-Insider“, четирикратниот шампион Макс Верстапен би можел наскоро да го напушти Ред Бул и да се пресели во тимот на Мекларен.
Овој неверојатен заговор предвидува дека во обратен правец – кон австрискиот тим – ќе замине младиот австралиски талент Оскар Пиастри. Дека ова не е само обичен трач, потврди и поранешниот возач Ралф Шумахер, кој смета дека преговорите веќе се во тек.
„Ако Макс замине кај ‘портокаловите’, тоа значи дека Ред Бул веќе активно работи на носење на Пиастри како негова директна замена“, вели Шумахер.
Главниот „архитект“ на оваа зделка се верува дека е Марк Вебер. Поранешниот ас на Ред Бул денес е менаџер на Пиастри, но и човек со силни врски во неговиот поранешен тим. Шпекулациите одат дотаму што Вебер се споменува како наследник на Хелмут Марко на позицијата советник во Ред Бул, што дополнително би го олеснило целиот процес.
Додека Верстапен бара нов мотив по годините апсолутна доминација, Пиастри се гледа како единствениот возач со потенцијал да го врати победничкиот сјај на „биковите“. Доколку овие најави се остварат, нè очекува најголемото прередување на силите во Ф1 по долги години и почеток на една сосема нова ера.

