Кошарка Меѓународна кошарка

Вембањама со историска партија ја покори Оклахома! (ВИДЕО)

Кошаркарите на Сан Антонио Спарси направија спектакуларен брејк на стартот од финалната серија на Западот откако славеа против шампионот Оклахома Сити Тандер со 122:115 по две продолженија. Во натпревар исполнет со неверојатна драма, гостите успеаја да му го нанесат првиот пораз на противникот во овогодинешниот плеј-оф.

Апсолутен херој на вечерта беше неверојатниот 22-годишен Виктор Вембањама кој одигра една од најдобрите партии во историјата на доигрувањата. Францускиот центар буквално доминираше на теренот и го заврши мечот со монструозен учинок од 41 поен, 24 скока и три блокади.

Атмосферата во преполнетата сала беше на раб на лудило уште пред самиот почеток на овој голем кошаркарски дуел. Домашниот лидер Шај Гилџс-Александер пред публиката свечено го прими своето второ последователно признание за најкорисен играч во НБА лигата. Сепак, Спарси веднаш покажаа заби и со агресивна игра отворија со рана серија од 7:0 на паркетот.

Најголемиот отпор кај Оклахома го пружи искусниот Алекс Карузо кој влезе од клупата и одигра натпревар на кариерата. Тој реализираше 31 поен, погодувајќи дури осум тројки, а воедно играше и фанатична дефанзива против разиграниот француски џин. Домашниот тим константно бркаше негатива, а на полувремето Сан Антонио имаше заслужено водство со резултат 51:44.

Шампионот конечно експлодираше во третиот период благодарение на Лу Дорт кој погоди клучна тројка за прво водство. Иако Шај Гилџс-Александер реализираше важни поени во финишот за нерешени 101:101, неговиот шут од игра вечерта беше очаен. На крајот, Вембањама ја презеде целата контрола во второто продолжение кога брутално заби преку Чет Холмгрен под фаул.

Покрај него, во победничкиот тим блесна и Дилан Харпер со 24 поени и седум украдени топки на мечот. Кај Тандер втор стрелец беше Џејлен Вилијамс со 26 поени, додека новиот МВП Гилџс-Александер застана на 24 постигнати кошеви. Со овој голем триумф, Сан Антонио покажа дека има сериозни шампионски амбиции за пласман во големото финале.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.