Кошарка Меѓународна кошарка

Вембањама се откажа од 51 милион долари за Спарси да изградат шампионски тим

Сан Антонио Спарси беа на чекор до НБА прстенот минатата сезона, откако го совладаа тогашниот шампион Оклахома Сити Тандер во финалето на Западот, но на крајот останаа без гас во големата финална серија против Њујорк Никс. Свесни дека на овој млад тим му недостасува уште сосем малку за да стане шампион, првата ѕвезда Виктор Вембањама реши да поднесе огромна финансиска жртва во име на заедничката цел и градењето на моќен тим во Тексас.

Според информациите на добро упатениот инсајдер Шемс Шаранија, францускиот центар потпишал петгодишно продолжување на договорот со Спарси вредно 252 милиони долари, со вклучена играчка опција за последната сезона. Иако се работи за астрономска сума, Вембањама свесно одбил уште поголемо богатство бидејќи сака титули повеќе од пари. Наместо да го брка максималниот „супермакс“ договор кој можеше да му донесе неверојатни 303 милиони долари, најдобриот дефанзивец во НБА лигата прифатил да заземе помал процент од буџетот за плати. Со овој потег тој се откажал од 51 милион долари и на управата ѝ остави сериозен простор на пазарот за носење на врвни засилувања.

Последен кој направи сличен уступок во лигата беше Џејлен Брансон, чиј тим Њујорк Никс веднаш профитираше од тој потег и стигна до самата завршница. Вембањама со своите партии целосно заслужува секој цент од новиот договор, откако минатата сезона на 64 натпревари во регуларниот дел бележеше застрашувачки просек од 25 поени, 11,5 скокови и 3,1 блокади по меч. „Една грижа помалку“, порача насмеаниот Вембањама при потпишувањето на договорот во својата родна Франција, давајќи редок и прекрасен пример во модерниот спорт каде тимскиот успех се става пред личниот профит.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.