Младите „лавици“ на МРК Ѓорче Петров 2 испишаа нова страница во клупската историја, откако во бараж-натпреварот во Радовиш доминантно го совладаа ЖРК Пелистер со 24-17 и за првпат обезбедија пласман во Супер лигата. Наместо очекуваната драма, скопските ракометарки диктираа темпо од самиот почеток. Битолчанки потклекнаа под притисокот и првиот гол го постигнаа дури во седмата минута, по што Ѓорче Петров 2 брзо се одлепи на 8-4, за на пауза да замине со сигурни 15-9.
Во второто полувреме, младиот состав на Пелистер немаше сили за пресврт, па скопјанки умешно и тактички зрело ја контролираа предноста до самиот крај. Веднаш по последниот свиреж настана огромна еуфорија на теренот, а емоциите ја совладаа и тренерот Милева Велкова, која со солзи радосници им честиташе на своите ракометарки за историскиот успех.
Нападот на победничкиот тим го предводеа Ристовска, Наумовска и Аврамовска со по четири гола, додека голманскиот тандем Илиоска и Гошевска блесна со девет одбрани. Кај Пелистер, кој и покрај поразот зад себе има позитивна сезона со историско учество во Купот, најефикасна беше Тодоровска со шест погодоци, пред Котевска со четири. Со оваа победа, Ѓорче Петров 2 им се приклучува на најдобрите домашни екипи во елитното друштво за наредната сезона.

