За првпат во повеќе од осум децении долгата историја на вечното белградско дерби, клупите на Партизан и Црвена Звезда истовремено се под команда на странски стратези, и тоа двајца Шпанци. Во 7. коло од Евролигата, Жоан Пењароја и Ибон Наваро ќе го имаат својот 25-ти јубилеен меѓусебен тактички судир, но овојпат во сосема поинаков, зовриен амбиент каде што ривалството ги надминува сите спортски рамки.
Предводникот на „црно-белите“, Пењароја, во разговор за познатиот шпански весник „Марка“ отворено го спореди ова ривалство со најголемиот фудбалски спектакл во својата татковина.
„Имав среќа да го почувствувам ривалството меѓу Реал Мадрид и Барселона, кое е навистина посебно, но колку и да звучи грубо, тоа е вистинска детска игра во споредба со ова. Белград е целосно поделен град, ги имате двата тима во исто место и атмосферата ја чувствувате со денови пред и по натпреварот. Ова е меч што носи огромна тежина и притисок за сите учесници“, истакна Пењароја, кој низ насмевка додаде дека пред дербито нема место за пријателско кафе со Наваро: „Нема да се сретнеме во Белград, ручек ќе јадеме дури во Шпанија кога ќе отидеме на одмор! Наш најголем ривал е Звезда и се надевам дека ќе славиме.“
Што се однесува до состојбата во тимовите, Црвена Звезда влегува во преполната „Белградска Арена“ со улогата на лесен фаворит. Ибон Наваро брзо го воспостави својот систем и влегува во дербито со четири последователни победи, предводен од разиграниот Чима Монеке. Од друга страна, Партизан по одличниот старт упадна во криза и врза три порази, а Пењароја се соочува и со сериозни кадровски проблеми поради повредите на Тонје Џекири и Дерек Вилис, додека новиот потпис Антони Ривс сè уште се вклопува во ротацијата.

