Најголемото македонско фудбалско дерби денеска е на програмата. Во Битола, Пелистер ќе го пречека Вардар. Ова е натпревар кој значи многу, за двете екипи, за двата града. Натпревар кој и по неколку денови се раскажува. Во Битола нè очекуваат полни трибини, стадионот е речиси распродаден, а Македонија има со што да се пофали, дерби од највисоки размери, како на трибините така и на теренот.
Домаќините го пречекуваат „лутиот ривал“ мотивирани и спремни за нов голем подвиг, откако во минатото коло на гостински терен среде Тетово ја победија екипата на Шкендија, тим кој е главен конкурент на Вардар за освојувањето на титулата. Пелистер одигра дисциплинирано и организирано во текот на целиот натпревар, а резултатот беше во нивна корист 1-2.
Вардарци, по неуспешното последно гостување против Арсими и пораз од 1-0, сега имаат прилика, токму во можеби еден од најважните натпревари во сезоната, да го оправдаат епитетот „фаворит за освојување на трофејот“.
Натпреварот се игра на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола со почеток во 20:00 часот, а ќе може да го следите на МРТ3 каналот.

