И по два дена од големото дерби, спортската јавност е во шок, а реакциите не стивнуваат по сознанијата дека на стадионот „Максимир“ за малку е избегната незапамтена трагедија. Динамо Загреб доминантно славеше над Хајдук со 2:0 со головите на Бакрар и Бељо, но фудбалот остана во сенка на застрашувачкиот безбедносен пропуст на трибините. Како што пренесува хрватскиот портал Večernji list, на северната трибина биле подметнати дури девет експлозивни направи, од кои шест биле активирани со далечински управувач за да се запали ударниот транспарент на домашните навивачи.
Овој чин не се смета за обично навивачко надмудрување, туку за опасна диверзија која директно ги загрозила животите на 12.000 луѓе присутни на тој дел од стадионот. Експертите предупредуваат дека иако овојпат полнењето на направите било со послаб интензитет, самиот факт што некој успеал да внесе опрема и скали за нивно монтирање е поразителен доказ за неспособноста на контролните органи. Наместо да се зборува за одличните одбрани на гостинскиот голман Силиќ кој спречи поубедлив пораз на сплитскиот тим, фокусот е насочен кон полицијата која потфрли во својата основна задача за детален преглед на објектот. Овој инцидент се смета за последен аларм за итна ревизија на протоколите, бидејви ако обични навивачи можат да изведат ваков потфат, прашање е колку навистина е безбеден стадионот од посериозни закани.

