Македонски фудбал Меѓународен фудбал Фудбал

Васоски: Стравот на почетокот и пропуштените шанси скапо нè чинеа

Предводникот на Силекс, Александар Васоски, не го криеше разочарувањето по несреќната елиминација од Динамо Минск во Лигата на конференции. Кратовскиот тим пропушти голема можност за пласман во следната рунда откако загуби по изведување на пенали во Скопје.

Васоски по натпреварот посочи дека неговите избраници влегле со непотребен страв во почетните дваесетина минути од средбата. Тој објасни дека планот бил целосно поинаков, односно тимот веднаш да нападне. Наместо тоа, кратовци потсвесно се повлекоа во одбрана, што резултираше со примен гол во раната фаза.

Искусниот стратег посебно жали за стопроцентната шанса на Велиновски во второто полувреме. Тој нагласи дека во европските натпреварувања таквите промашувања редовно се казнуваат на крајот од мечот. И покрај болниот пораз, Васоски не сакаше да им замери на своите фудбалери за прикажаната машка борба во сите 120 минути.

„Ова беше еден исцрпувачки натпревар. Влеговме некако со страв во првите 20 минути, несвесно се повлековме иако беше кажано да нападнеме од првата минута, да не го браниме толку рано резултатот, но откако примивме гол се разбудивме. Немавме многу стопостотни шанси, но Велиновски ја имаше шансата на натпреварот кога излезе сам пред гол. Во Европа знаете, доколку не се искористат тие шанси за гол… за жал испаднавме на пенали, тоа е лотарија. Нема што да им замерам на момците. Имаа 120 напорни минути, имавме свои моменти, меѓутоа фудбалот е таков за жал и мора да се помириме со тоа.“ – посочи разочараниот Васоски.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.