Македонскиот ракометен шампион Вардар во новата сезона ќе биде предводен од нов капитен. Таа чест и одговорност му припадна на голманот Васил Гогов, кој ја добива улогата на предводник на тимот на теренот и во соблекувалната.
Гогов долго време е дел од „црвено-црното“ семејство, минувајќи го развојниот пат низ клубот и докажувајќи ја својата посветеност кон дресот. Од раководството и стручниот штаб веруваат дека тој е вистинскиот избор за лидерската позиција и дека со својот однос ќе биде вистински пример за сите соиграчи.
За негов заменик е именуван Јака Малус, еден од најискусните ракометари во составот на Вардар, кој ќе има важна улога во организацијата на играта и одржувањето на тимскиот дух во претстојните предизвици.

