Кошарка Меѓународна кошарка

Вашингтон го блиндира Треј Јанг со нов мега договор од 212 милиони долари!

Иако на почетокот од годинава пристигна во главниот град како привремено решение, Треј Јанг останува долгорочен лидер на Вашингтон Визардс. Како што објави инсајдерот Шемс Шаранија, суперѕвездата договори нов четиригодишен договор вреден фантастични 212 милиони долари. Јанг веќе следната сезона ќе заработи 49,5 милиони долари, а договорот вклучува и играчка опција за последната сезона во вредност од 56,9 милиони долари.

Ваквиот расплет е огромно изненадување на пазарот, со оглед на тоа што по турбулентното заминување од Атланта Хокс се веруваше дека вредноста на бекот е падната и дека нема да добие повеќе од 40 милиони по сезона. Иако поради повреда на коленото минатата сезона одигра само пет натпревари по трејдот, управата покажа максимална верба во него. Покрај Јанг и неодамна донесениот Ентони Дејвис, Вашингтон Визардс сега имаат одлична основа за враќање во плејофот, која дополнително ќе ја засилат утре со правото на првиот избор на претстојниот НБА Драфт.

Иако неговата дефанзивна игра често е мета на критики, офанзивниот учинок на Јанг е незаменлив. Тој е еден од само 16 кошаркари во историјата на НБА лигата кој дури трипати во кариерата успеал во една сезона да бележи просек од најмалку 20 поени и 10 асистенции, па клубот верува дека со атлетските соиграчи околу него лесно ќе ги покрие неговите маани во одбраната.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.