Ракометарите на Вардар 1961 по петгодишна пауза вчера се вратија во Лигата на шампионите, но претрпеа минимален пораз на гостувањето кај германскиот Мелсунген со 33:31 во рамките на првото коло од групата Б.
Првото полувреме донесе комплетно израмнета и неизвесна борба. Домаќините во еден момент поведоа со 7:4, но „црвено-црните“ брзо одговорија преку Љевар и Воркапиќ, па на пауза се замина со минимални 16:15 за германскиот тим. Во второто полувреме Мелсунген успеа да се одлепи и да поведе со 25:20, но вардарци не се предадоа. Влегувањето на голманот Гогов донесе нов импулс во тимот, па со неговите важни одбрани Вардар намали на 28:27 и имаше напад за израмнување. Сепак, шутот на Анастасовски беше одбранет од Симиќ, по што Мелсунген влезе во мирна завршница и го затвори мечот со 33:31.
Во редовите на Вардар блесна Воркапиќ со девет голови, Љевар додаде седум, додека Гогов запиша шест одбрани во второто полувреме. Кај победниците, Дростен и Гола беа најефикасни со по пет погодоци. Во следната рунда идната недела, скопскиот состав пред домашната публика ќе го пречека Нант, додека во вториот меч од оваа група Спортинг го совлада ГОГ со 43:33.
По завршувањето на дуелот, предводникот на Вардар, Иван Чупиќ, потенцираше дека неговите избраници имале свои шанси да извлечат подобар исход од ова гостување.
„Тоа беше добар натпревар од двете екипи. Имавме неколку моменти во кои можевме да израмниме или можеби да поведеме. Атмосферата беше одлична и таа придонесе за заслужената победа на Мелсунген“, изјави Чупиќ.

