Македонски фудбал Меѓународен фудбал Фудбал

Вардар верува во нов европски чекор: „Мотивирани сме и сакаме победа“!

Вардар утре ќе ја пречека летонска Рига во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига, откако европскиот пат го продолжи во ова натпреварување по двомечот со фински Купс во квалификациите за Лигата на шампионите. Иако „црвено-црните“ славеа на реваншот против финскиот шампион, тоа не беше доволно за пласман понатаму, па сега целосниот фокус е насочен кон новиот европски предизвик и двомечот со Рига во Конференциската лига.

На денешната прес-конференција своите очекувања ги изнесоа тренерот Кристијан Фабијани, капитенот Азер Омерагиќ и играчот од средниот ред, Давид Бабунски, кои порачаа дека Вардар ќе оди на победа и дека единствената цел е позитивен резултат пред реваншот во Летонија.

„Купс е веќе минато. Одиме чекор по чекор. Против Финците покажавме вистинска желба и борбеност која долго тлееше во нас. Сега сме целосно фокусирани на Рига и се надеваме на позитивен резултат. Не можеме однапред да го предвидиме исходот, но нашата цел е јасна, да одиграме добар натпревар и да победиме“, изјави Омерагиќ.

На прашањето дали евентуалната финансиска премија претставува дополнителен мотив, тој истакна дека најважно е Вардар да продолжи понатаму.

„Главниот мотив е пласманот во следната рунда. Финансискиот дел ќе биде само награда за сработеното. Мораме да покажеме уште повеќе, да победиме и да им ја оправдаме довербата на сите кои веруваат во нас.“

Запрашан колкави се шансите Вардар да ја совлада Рига, Азер беше јасен.

„Во фудбалот нема проценти. Сè е можно. Играме против квалитетен противник и мораме да бидеме на највисоко ниво. Само ако бидеме нашата најдобра верзија можеме да очекуваме позитивен резултат. Сакаме по натпреварот да си заминеме со насмевка.“

Тој додаде дека најголемата сила на летонскиот претставник се добрите резултати и квалитетот што го поседува.

„Рига е сериозна екипа со добри резултати зад себе. За да ја победиме ќе мораме да одиграме речиси перфектен натпревар.“

Давид Бабунски потенцираше дека во соблекувалната владее голема мотивација и дека сите размислуваат само за победа.

„Имаме голем мотив и ќе одиме на победа. Сакаме да си го олесниме патот пред реваншот во Летонија. Знаеме што сакаме и за што се подготвуваме. Верувам дека оваа екипа може да даде многу повеќе, имаме навистина голем потенцијал. Динамиката на сезоната е таква што секогаш има простор да научиме нешто ново и да бидеме подобри.“

Фабијани истакна дека победата над Купс донела дополнителна самодоверба, но дека тимот останува целосно концентриран на новата европска задача.

„Со голема желба ја очекуваме утрешната натпревар. Среќни сме по победата во Финска и се надеваме дека ќе успееме повторно да триумфираме. Покажавме дека можеме многу подобро и сакаме со добра игра да ги направиме горди нашите навивачи. Свесни сме колку е важно да победиме на домашен терен и затоа сме максимално фокусирани и мотивирани.“

Говорејќи за противникот, Фабијани оцени дека Рига е поквалитетен и поинаков тим од Купс, но нагласи дека Вардар има свои адути.

„Рига е навистина квалитетна екипа со играчи кои знаат да играат во двата правци. Но, Вардар е голем клуб и тоа сакаме да го докажеме уште утре, и со пристапот и со играта на теренот.“

Натпреварот утре започнува во 20:00 часот.
Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.