Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Вардар вечерва игра за чест и гордост против Мелсунген

Македонскиот ракометен шампион Вардар 1961 вечерва го пречекува германскиот бундеслигаш Мелсунген во рамките на последното, шесто коло од групната фаза во Лигата на шампионите. Иако „црвено-црните“ ја загубија можноста за пласман во главната фаза и европската одисеја ќе ја продолжат во Европската лига, вечерашниот дуел против силниот германски ривал носи огромен мотив.

Избраниците на Иван Чупиќ сакаат со втора победа во елитата на најдобар можен начин да им се оддолжат на своите верни навивачи за застрашувачката поддршка. Од друга страна, Мелсунген пристигнува во Скопје со шест освоени бода и сè уште ја води главната битка за едно од двете места што водат во следната рунда, каде што пред последното коло дури три екипи, Мелсунген, Висла Плоцк и Нант се израмнети на табелата.

Првиот меѓусебен двобој одигран во Касел му припадна на германскиот претставник со тесни 33:31, во меч каде Вардар беше во игра за бодови до последните секунди, што дава дополнителен мотив за реванш пред домашната публика.

Вардарци ја пречекуваат оваа пресметка во одлична победничка атмосфера, по серијата успеси против Нант, Бутел и Прилеп. Особено одекна големиот триумф на гостувањето во Франција, каде скопскиот тим го прегази Нант со убедливи 33:27 и покажа дека поседува квалитет за пресметки со најдобрите.

Големата ракометна пресметка меѓу Вардар 1961 и Мелсунген во Скопје започнува од 18:45 часот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.