Вардар утре го пречекува Мелсунген во последното коло од групната фаза во Лигата на шампионите, а гостите во Скопје доаѓаат по победа што ќе им обезбеди пласман во следната рунда.
Германскиот тим го предводи Роберто Гарсија Парондо, тренерот кој му ја донесе втората европска титула на Вардар. Шпанецот одлично ја познава атмосферата во Скопје и е свесен дека неговите избраници ги очекува тежок предизвик против „црвено-црните“, кои со победата над Нант во Франција покажаа дека се во подем. Парондо ја нагласи важноста на натпреварот, но и потребата неговиот тим да остане смирен пред полните трибини.
„Сакаме да се пласираме во следната рунда, а тоа значи да го завршиме последниот чекор во Скопје. Вардар е ривал што го почитуваме, но најважно ќе биде да останеме со ладни глави во таа жешка атмосфера“, изјави Парондо.

