Вардар продолжува со максимален ефект во регионалната ракометна лига. „Црвено-црните“ вечерва во СЦ „Јане Сандански“ ја забележаа и втората победа во исто толку натпревари, откако убедливо со 44:27 ја совладаа Будванска ривијера. Иако конечниот резултат сугерира лесна задача, гостите од Црна Гора во првиот дел успеваа да му парираат на македонскиот претставник. До средината на полувремето се играше гол за гол, па на семафорот стоеше 11:11.
Токму тогаш Вардар направи клучен исчекор. Избраниците на Иван Чупиќ влегоа во серија од шест последователни погодоци, со која за кратко време стигнаа до 17:11. Таа предност им овозможи многу поспокојно продолжение и практично ја најави насоката во која ќе се движи натпреварот.
Во второто полувреме Вардар целосно ја презеде контролата. Домашниот состав продолжи да го зголемува водството, а предноста во еден момент прерасна во двоцифрена. Чупиќ постепено им даде минутажа на сите свои ракометари, што не се одрази на темпото на играта и Вардар на крајот стигна до убедливи 44:27.
Во ефикасната вардарова екипа најрасположени беа Воркапиќ и Фадуил, кои постигнаа по седум гола. Љевар запиша шест, Мохамед пет, додека Јанковски и Малус натпреварот го завршија со по четири погодоци. Кај Будванска ривијера, далеку најдобар стрелец беше Иваниќ, кој успеа да постигне дури 12 гола, но неговиот учинок не беше доволен за гостите да избегнат убедлив пораз.

