Вардар ќе игра за трофејот на традиционалниот Струшки ракометен турнир, откако убедливо го совлада Бутел со 36-23 и го потврди првото место во својата група. Во големото финале „црвено-црните“ ќе се соочат со бранителот на трофејот, екипата на Охрид. Поради неповолните временски услови, денешната програма наместо на отвореното игралиште во Струга се реализираше во СЦ „Тими“. Промената на теренот не влијаеше врз избраниците на Иван Чупиќ, кои уште од самиот почеток го наметнаа своето темпо и покажаа зошто ја имаа фаворитската улога.
Вардарци одиграа сигурно во нападот, а со цврста одбрана постепено ја зголемуваа предноста. По првите 30 минути имаа водство од 21-13, со што уште тогаш практично го најавија конечниот исход. Во второто полувреме Вардар продолжи во ист ритам. Одбраната функционираше одлично, Бутел успеа да постигне само десет гола во продолжението, па фаворитот без поголеми проблеми стигна до убедлив триумф од 36-23.
Во вториот натпревар од групата, домаќинот Струга стигна до минимална победа над српската Дубочица со 28-27. Стружани на полувреме имаа предност од 14-12, а иако гостите од Србија не се предаваа до самиот крај, домаќинот успеа да го сочува водството и да обезбеди второ место во групата. Тоа значи дека Струга ќе игра за третото место на турнирот, а противник ќе биде Прилеп. Во финалето, пак, следува дуелот меѓу Вардар и Охрид, пресметка која ќе го даде новиот освојувач на престижниот турнир во Струга.

