Вардар конечно покажа вистинско лице и по два последователни порази запиша убедлива победа во ПМФЛ. „Црвено-црните“ одиграа одличен натпревар на Националната арена „Тодор Проески“, а Силекс немаше одговор на налетите на домашниот тим во второто полувреме. Со оваа победа Вардар испрати јасна порака дека по лошиот старт има сили да се врати во вистински ритам.
Домашниот тим одлично го отвори натпреварот и поведе уште во третата минута. По одличната акција на Спахиу по левата страна, Димитар Данев со прецизен удар од прва ја затресе мрежата на Силекс за 1-0. Погодокот беше проверуван во ВАР-собата поради позицијата на Азер Омерагиќ, но по прегледот беше потврден.
Вардар имаше можност да ја зголеми предноста преку Спахиу, кој во 26. минута ја погоди пречката, додека Силекс неколку минути подоцна пропушти голема шанса за израмнување. Шеро излезе сам пред Талевски, но голманот на Вардар одлично интервенираше.
Кратовци сепак стигнаа до 1-1 во 37. минута преку капитенот Анѓелески, кој со одличен удар од свртување го совлада Талевски. До паузата гостите имаа уште една голема прилика, но вардаровиот голман повторно беше на висината на задачата.
Вардар во вториот дел повторно ја презеде контролата, а новото водство го донесе Михаил Маневски. Само што влезе во игра, левиот бек се најде во опасна позиција и со десната нога погоди за 2-1, иако пред голот на Силекс имаше вистинска „шума“ од домашни и гостински фудбалери.
Клучниот момент се случи во 69. минута. По грешка на Ефтимов и Анѓелески, Мигел Пиреш ја освои топката, помина неколку противнички играчи и со одличен слалом го постигна голот за 3-1.
Точка на убедливата победа стави Едиз Спахиу во 88. минута. Напаѓачот ја искористи лошата позиција на голманот Џеков и со прецизен лоб го постави конечните 4-1.
За Вардар ова е важна победа по поразите од Шкендија и Струга, додека Силекс од Скопје се враќа со убедлив пораз.

