Вардар стигна до втората победа во новата сезона од македонската Суперлига, откако на гостувањето кај Куманово славеше со 31-30. „Црвено-црните“ имаа убедлива предност во поголемиот дел од натпреварот, но во финишот дозволија домаќинот целосно да се врати во игра. Шампионот одлично го започна дуелот и уште во првото полувреме направи значајна разлика. Вардар на пауза замина со предност од 20-14, а во продолжението стигна и до максимални девет гола разлика (26-17).
Кога се чинеше дека победникот е решен, Чупиќ направи ротација и им даде одмор на дел од носителите на играта. Куманово го искористи тоа, а гостите влегоа во сериозни проблеми во нападот. Вардар повеќе од четири минути беше без постигнат гол, но домаќинот немаше доволно време за целосен пресврт и на крајот загуби со еден гол.
Најубедлив настап денеска имаше Охрид, кој со 33-16 ја совлада Струга во езерското дерби. По ремито со Пелистер во првото коло, охриѓани одиграа одлично и уште во првиот дел ја обезбедија победата. Охрид на полувреме имаше предност од 17-8, а во второто полувреме без поголеми проблеми ја контролираше играта. Ројевиќ им даде шанса и на ракометарите со помала минутажа, но тоа не се одрази на резултатот. Домашниот тим продолжи да ја зголемува разликата и на крајот славеше со убедливи 17 гола.
До победа стигна и Тиквеш, кој беше подобар од Бутел со 38-33, додека Пелистер претходно го совлада Мулти Есенс со 38-27.

