Вардар ја запиша посакуваната победа по ремито со Башкими и продолжи со добри резултати во домашното првенство. Шампионот на свој терен ја оправда фаворитската улога, иако гостите од Арачиново пружија солиден отпор. Шкендија покажа храброст и во неколку наврати се закани, но не успеа да го изненади домаќинот. На крајот, квалитетот и искуството на „црвено-црните“ дојдоа до израз.
Шкендија Арачиново подобро го отвори натпреварот и прва се закани преку Фазлагиќ, додека Вардар возврати со силен удар на Давид Бабунски, кој заврши во рамката од голот. Како што одминуваше првото полувреме, Вардар ја презеде иницијативата, но не успеа да најде начин да го совлада голманот на гостите. По 45 минути мрежите мируваа.
Само што започна вториот дел, Вардар дојде до водство. По лошата интервенција на Личина, Бобан Николов се најде на вистинското место и погоди за 1-0. За Николов ова беше прв гол во сезоната. Гостите мораа да се отворат, а Вардар го искористи просторот. Во 69. минута Горан Закариќ реагираше одлично и зголеми на 2-0. До крајот „црвено-црните“ имаа можност и за трет погодок, но не успеаја да ја зголемат предноста. Сепак, Вардар рутински го приведе натпреварот до крај и освои важни три бода.

